Валидноста на негативниот ПЦР тест при влез во Словенија ќе биде 48 часа од земањето брис, а на брзиот антигенски тест 24 часа од земањето брис, додека другите услови не се менуваат, пишува РТВ Словенија.

Исто така, со новите мерки, кои стапуваат во сила од понеделник, ќе се променат условите за користење на јавниот превоз и ќе можат да го користат само лица кои се вакцинирани, кои прележале ковид-19 или имаат негативен тест. Во сила останува и мерката за задолжително носење заштитна маска.

Во возовите и автобусите бројот на местата за седење е ограничен, а потребно е и одржување растојание меѓу патниците на местата за стоење. За контрола и спроведување на протоколот се задолжени организаторите на транспортот, односно јавните сообраќајни претпријатија.

Според неофицијални податоци, во Словенија во последните 24 часа се потврдени 4 468 нови инфекции, речиси 3 000 повеќе од пред седум дена, а епидемиолозите стравуваат дека со ширењето на сојот омикрон, кој станува доминантен, бројот на дневни инфекции во врвот на новиот бран може да се зголеми на 10 000, па и повеќе.