Владата денеска донесе одлука за распоредување на приходите од игрите на среќа и од забавните игри во 2023 година за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и Црвениот крст на Република Македонија.
Со оваа одлука, како што соопшти владината Прес-служба, се распоредуваат средства во износ од 69 милиони денари од приходите од игри на среќа и забавни игри за 2023 година за финансирање на годишните програми на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, за финансирање на програмските активности на Националниот совет на инвалидските организации, на Националниот сојуз на слепите, на Националниот сојуз на глуви и наглуви, на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – Мобилност Македонија и на Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – Порака.
Дополнително, 9,71 милиони денари ќе бидат наменети за финансирање на програмските активности на Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија, на Националната федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Македонија – Македонски параолимписки комитет и на Националниот сојуз на инвалиди на трудот.
За финансирање на програмските активности на здруженија за борба против семејното насилство е определен износ од 4 милиони денари, за здружението Кризен центар Надеж, Организација на жени на Град Скопје и Национален совет за родова рамноправност, се наведува во соопштението од 124-та и 125-та седница на Владата.
За финансирање, пак, на Годишната програма на Црвениот крст на Република Македонија е предвиден износ од 8 милиони денари, како и средства за обезбедување на трошоци за проектни активности кои не се покриени од страна на донатори во висина од 6 милиони денари и средства во висина од 2 милиони денари за реализација на Проект за одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за летен распуст 2023 година.
Одлуката ќе ја спроведе Министерството за труд и социјална политика, согласно месечен план за исплата на овие средства, се додава во соопштението.