Уште денес и утре ќе биде на сила мерката за ограничување на трговските маржи за одделни прехранбени производи.

Министерството за економија наведува дека ќе ги следи случувањата на пазарот и на цените на домашниот пазар и берзите и ако треба ќе се донесе нова одлука.

Ограничувањата истекуваат на 30 јуни, а со оглед дека, според министерството, трошоците се стабилизирани, понатаму цените ќе се формираат според пазарни услови.

– Долгорочна примена на трговски маржи во услови кога не постои неизвесност на перманентен раст на берзанските цени може да доведе до спротивен ефект на пазарните услови поради наметнување на државна контрола на цените и намалување на конкурентноста кога не сe објективни причинитe за тоа – велат од Министерството за МИА.

Владата на крајот на април одлучи да го продолжи ограничувањето на трговските маржи за основните прехранбени производи до 30 јуни.

Одлуката ги опфаќаше белиот леб(сечен на парчиња или цел), шеќерот, сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло), брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, јајца од кокошка, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт.