Ново покачување на пензиите – линеарно или процентуално? 

Од септември, се очекува ново покачување на пензиите, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска на денешната прес-конференција во Владата. Според неа, сѐ уште не е одлучено дали зголемувањето ќе биде линеарно или процентуално, но таа лично останува на ставот дека повеќе го поддржува линеарниот модел.

„Од септември ќе има повторно покачување на пензиите, но сѐ уште не сме разговарале за тоа дали ќе биде линеарно или процентуално, иако го знаете мојот став дека јас сум поборник за тоа да има линеарно зголемување на пензиите“, изјави Кочоска.

Дополнителни 2,5 милијарди денари за ПИОМ предвидени со ребалансот

Претставувајќи го предлог ребалансот на Буџетот за 2025 година, Кочоска соопшти дека вкупниот трансфер од државниот буџет кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) годинава ќе изнесува приближно 50 милијарди денари. Со ребалансот се предвидуваат дополнителни 2,5 милијарди денари за потребите на фондот.

Како што објасни Кочоска, ПИОМ добива приходи од придонесите што се собираат преку Буџетот и потоа директно се префрлаат во фондот.

„Фондот за ПИОМ добива приливи по однос на придонесите кои што ги остварува буџетот и тие, иако поминуваат преку Буџет, директно се трансферираат во ПИОМ“, посочи Кочоска.

Министерката објасни дека во првите шест месеци од годината реализацијата на буџетските приходи била послаба од очекуваното, но сега има месечно зголемување на наплатата на придонесите поради растот на платите.

„Првата половина на годината имаше послаба реализација од она што ни е проектирано до крајот на годината, затоа што ние проектиравме, а проекцијата ќе се оствари бидејќи ние немавме усогласување со минимална плата и понатаму растат платите и сега веќе се чувствува од месец во месец, како имаме поголема наплата на придонесите, така што, 2,5 милијарди се испланирани, но тоа е само резултат на тие ликвидносни недостатоци, што го има ПИОМ во насока на тоа колку тој остварува од сопствените приходи“, појасни министерката.

Зголемени средства и за плати во јавниот сектор, МВР со најголем дел од средствата

Во предложениот ребаланс се предвидува и зголемување на ставката за плати во јавниот сектор. Како што рече Кочоска, тоа е најмногу поради покачувањето на платите во Министерството за внатрешни работи, кое има најголем број вработени во јавната администрација.

„Зборуваме за извршување на буџетот и ставката плати. Да, има зголемување. Најмногу тука ефектот е поради Министерството за внатрешни работи, кое што имаше покачување на платите од 10 проценти, а МВР во суштина брои и најголем број од администрацијата. Тие имаат околу 12 илјади вработени“, изјави Кочоска.

Министерката додаде дека од околу 800 милиони денари наменети за плати во јавниот сектор, дури 600 милиони се за Министерството за внатрешни работи.