Четири нови онлајн услуги на Фондот за здравствено осигурување од денеска се достапни на националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk, од кои три се наменети за физички лица, а една за правни лица.

Новите услуги беа презентирани на прес-конференција во Владата од страна на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и директорот на ФЗО Сашо Клековски. Тие информираа дека дигиталните решенија значително го поедноставуваат пристапот до клучни документи, го намалуваат административниот товар и го елиминираат чекањето на шалтерите.

За физичките лица преку порталот се воведени електронска потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување, потврда за осигурено или неосигурено лице со платен придонес, како и потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.

За првпат, за правните лица е овозможена целосно дигитализирана услуга за издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување, која е достапна 24 часа дневно, без потреба од физичко присуство на шалтер.

Нови онлајн услуги

Од ФЗО информираа дека институцијата од денеска е технички поврзана со Централниот регистар на населението, што овозможува автоматско преземање на релевантни податоци за граѓаните и дополнително намалување на административните постапки.

Министерот Андоновски изјави дека целта на дигиталната трансформација е јавните услуги да бидат достапни, меѓусебно поврзани и ориентирани кон потребите на граѓаните и бизнисите. Тој појасни дека хартиените услуги нема целосно да се укинат кај постојните процедури, но новите услуги, како студентските ваучери, ќе бидат целосно дигитални.

Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, истакна дека за ефикасно здравство во мала земја е неопходна координација и централизација на процесите, со цел да се обезбеди стандарден пристап за сите граѓани.

Тој наведе дека ФЗО веќе воспоставил податочна поврзаност со Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за вработување, Управата за водење матични книги, Министерството за социјална политика, системот „Мој термин“ и Управата за јавни приходи, што ќе овозможи побрз и поефикасен пристап до здравствените услуги.

Клековски најави дека во наредниот период ќе бидат дигитализирани уште 27 услуги, меѓу кои поднесување барања за рефундација за лекови, ортопедски помагала и пелени, барања за лекување во странство, како и дигитално следење на лекувањето со двојазични обрасци.

Во план е и целосна дигитализација на боледувањата, вклучително и породилното отсуство и правата за родителство, при што преку вкрстување на бази на податоци ќе се спречат злоупотреби и ќе се олесни остварувањето на правата на граѓаните. Според Клековски, овие процеси се дел и од подготовките за идниот е-попис.