Командирот Срѓан Димитријевски и тројцата полицајци од „Идризово“ признаа дека учествувале во релизација на филмското бегство на Беким Мемети, осуден на над 20 години затвор.
По скоро осум месеци, донесена е пресудата, според која највисоката казна е три години, а најниската е условна осуда. На првото рочиште сите вработени во „Идризово“ признале дека го сториле делото „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“, а еден од нив делото „несовено работење во службата“. Тие преземале противзаконски дејствија, а не преземале дејствија што биле должни да ги преземат при спроводот.
Командирот Димитријевски е осуден на три години затвор. Затворскиот полицаец Трајче Ацковски доби три години. Неговиот колега со иницијали И.А. кој исто така учествувал во реализација на планот за бегство на осудениот Мемети, доби казна затвор од 1 година и шест месеци. Последниот е вработениот во „Идризово“, Т.П. кој е условно осуден и казната нема да се реализира доколку во следните 3 години не стори ново кривично дело. Казните им се неправосилни, а Обвинителството и одбраната можат да се жалат и во Апелација.
Филмското бегство се одвиваше во јануари. Бегалецот Беким Мемети сам си ја расекол раката, осуденик ангажиран во затворската амбуланта препорачал да го носат во болница, командирот Срѓан Димитриjевски му наредил на заменикот да изготви документ, па полицаецот му кажал и во кој дел на комбето да го смести. Вака отприлика изгледале миговите пред затвореникот осуден за обид за убиство и дрога да им избега на четворицата полицајци, од кои еден го повредил. Биле направени низа пропусти, кои укажуваат дека организираното бегство било помогнато од командирот и дел од полицајците кои сега се во притвор, а потврдено со пресудата во Кривичен по признание на вина.
Кога избеганиот Мемети се пожалил дека има расекотина на раката, го однеле во домската амбуланта. Таму немало домски доктор, туку осудено лице кое било ангажирано за да преврзува затвореници. Му направил преврска на Мемети, па наместо да повикаат Брза помош, препорачал сега избеганиот затвореник да биде однесен во болница. Командирот Димитријевски се сложил, по што била изготвена наредба. Со препораката од домската амбуланта да се однесе затвореникот во болница, а не да се повика Брза помош, се направил првиот пропуст.
Командирот Димитријевски наредил да се изготви наредба за спровод и одредил кои точно полицајци да го спроведат. По ова следело сместувањето во полициското возило. Возилата со кои се превезуваат затвореници се поделени на три дела и сите се одделени едни од други. Првиот дел е делот на возачот, потоа дел каде седат затворските полицајци, па просторот каде се сместуваат затворениците. Според правилата и процедурите, сите затвореници се внесуваат низ задната врата на возилото. Во овој случај, затвореникот не бил сместен таму, туку во средниот дел, каде седат службениците. И овде е направен вториот пропуст.
Рутата по која ќе се движи возилото за спровод ја одредил еден од полицајците во комбето. Му кажал на возачот, во кој беше пукано, да вози по автопат. Во моментот кога се доближиле до бензинската пумпа на автопатот, полицаецот кој ја одредил рутата започнал да се преместува – при што се случил и клучниот момент на одземање на пиштолот. Бегалецот Беким Мемети, со повредена и преврзана рака, со лисици на рацете ја отворил футролата, го зел пиштолот и го репетирал, па пукал. Додека Мемети го правел тоа, полицаецот до него не постапил според правилата.
Повредениот полицаец го запрел комбето, додека затвореникот, со повредена рака, лисици и пиштол ја отворил вратата и се качил во „аудито“ кое го чекало пред полициското возило.
Беким Мемети е лице од висок безбедносен ризик бидејќи е осуден на над 20 години затвор, притоа за тешки кривични дела како обид за убиство и дрога. И покрај ова, тој не бил превезуван со асистенција, како што налагаат протоколите.