Стопанската комора на Македонија најавува неколку стратешки промени во работењето со кои компаниите во Комората треба да препознаат силен партнер кој ќе ги имплементира современите трендови и практики на дејствување.
Новиот концепт на работа насловен како „Комора на иднината“, како што информираат од Комората, е на барање на компаниите.
Клучната промена е функционирањето на четири нови совети фокусирани на развој, иновации и знаење, кои треба да креираат алатки за таа цел како што се Институт за извоз, Школа за бизнис лидери, Клуб на извозници, Клуб на старт ап компании, Модули за поддршка на мали и средни претпријатија, Берза на труд, преквалификации, вмрежувања, едукација, како и организирање на меѓународни конференции.
Советите стартуваат од утре. Веќе се конституирани, со усвоени програми за работа и финансиски планови и во нив членуваат звучни имиња од бизнис заедницата, научната и академската фела кои можат да помогнат во овие процеси.
– Значи, минатонеделниот заеднички настап на компаниите од Западен Балкан на Саемот во Тирана, вчерашната промоција на платформата за дигитализација на процесите за издавање на е-сертификатите за потекло и утрешниот почеток на работа на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања, потврдуваат дека големиот проект „Комора на иднината“ веќе се имплементира. Тоа е постигнато со макотрпна и упорна работа на Комората во изминатите 15 години, кога од амбисот успеа да во своите редови денес ги има десетте најголеми, најпрофитабилни и извозно ориентирани компании, како и десетте најуспешни бизнисмени, десетте најдобри коморски кадрови во државата, десет регионални експерти итн. На тој начин во пресрет на 100-годишнината од своето основање, докажува дека е трасиран патот и за наредниот 100-годишен период, наведува Комората во денешното соопштение.
Комората е добитник и на наградата „Дигитален шампион за 2021 година“, што на министерската конференција на Светската трговска организација во Женева, ја доделија WTO, ICC и ITC, во конкуренција од повеќе од 100 апликанти. Според компаниите-членки на Комората, придобивките се поголеми од очекувањата и тие бараат Комората да продолжи со дигитализацијата во сите процеси.