На прес конференција, денес беа објавени деталите околу претстојното Културно лето и одбележувањето на 68-миот роденден на Општина Кисела Вода. Како што истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во деновите што се пред нас ќе настапат низа македонски изведувачи, уметници и за крај, големата балканска ѕвезда Петар Грашо.

-Се потрудивме во 4 фестивалски денови да сместиме повеќе концерти и настапи, грижејќи се содржински сето тоа да биде на високо квалитетно ниво и да нуди музички стилови кои ќе одговараат за сите генерации и за сите вкусови. Настаните ќе се одвиваат во вечерните часови, на две локации-во Расадник и на Три круши во Драчево.

Водителите Анкица Стојановска и Димитар Атанасовски на кои ќе им се придружи и Ненад Ѓорѓиевски, пред присутните новинари ја презентираа целосната програма. Годинава таа се одвива по слоганот 68 години -БЕСКРАЈНА ПРИКАЗНА КОЈА СТАНУВА СЕ ПОДОБРА!

Отворањето е закажано за утре, четврток, 22.06. во Расадник. Од 21 часот Диџеј сет ќе има DJ Mats, а по него, од 22 часот следи концерт на Два Бона. DJ Mats на прес конференцијата најави добра журка со која ќе се отвори и затвори првиот ден, додека Тони од Два Бона објави ексклузивна информација дека Два Бона подготвуваат химна за Општина Кисела Вода на која периодов интензивно се работи и многу скоро ќе биде презентирана во јавноста заедно со видео спот.

Настаните, утредента, петок, 23 јуни, продолжуваат на Три круши во Драчево од 20 часот, каде ќе настапат КУД Китка, Сузана Спасовска и Миле Кузмановски.

Миле Кузмановски кој е еден од најголемите миленици на публиката во општина Кисела Вода на пресот ги повика сите љубители на квалитетната македонска народна песна да бидат дел од петочниот настан. Најави убава музичка вечер со неговите хитови, со Куд Китка, како автентичен белег на Драчево и на општина Кисела Вода, како и со Сузана Спасовска, чиј врвен квалитет ја прави секогаш омилена меѓу слушателите.

-Како што забележувате, голем број од нашите изведувачи се локални, наши музичари од општина Кисела Вода, што е наша долгорочна стратегија, бидејќи на оваа територија творат огромен број на талентирани музичари или воопшто уметници, кои публиката многу ги сака. Таков е и Жаре Бербер кој води потекло од Кисела Вода генерации наназад и кој посебно истакна дека му е чест да пее и да настапува за својата општина. Тој, заедно со Галама Бенд ќе ја отвори саботната вечер, повторно тука, на сцената во Расадник. Очекуваме супер журка по која настапува хрватската и балканска ѕвезда Петар Грашо. Не треба многу да се најавува човекот кој ја наполни загребска Арена, сплитската арена и чии песни се најголемите хитови на Балканот. Овојпат пее за публиката во Кисела Вода, за сите оние кои ќе одлучат да бидат дел од нашата приказна и да ја направат уште поубава. Поканети сте сите, за сите концерти влезот е бесплатен, потенцираше градоначалникот Ѓорѓиевски информирајќи дека во сабота забава ќе има и за најмладите, во Расадник, од 10 часот, каде ќе се одвива богата детска програма – игри без граници, а ќе има и аниматори, забавувачи, децата од сите детски градинки, хорот при ООК Куман Јосифовски Питу, како и студиото за танци Данса Латина Стефи.

Пет дена подоцна, на 29 јуни, Општина Кисела Вода ќе го одбележи својот 68-ми роденден кој започнува со манифестацијата Битка на бендови. Бендот кој ќе победи добива награда-концерт во целосна организација на Општина Кисела Вода, а наградниот фонд е дополнет и со снимање на ЦД и за првото и за второто место. На настанот, како гости ќе настапат Д Далтонс и уште неколку изведувачи кои се изнанадување.

Истиот ден, вечерта, после сетот на DJ Mats, на сцената во Расадник, од 22 часот концерт ќе има групата Нокаут, која преку своето 25 годишно постоење испиша историја во македонската музичка приказна. Инаку и во текот на целиот роденденски ден ќе има повеќе настани-свечена седница, награди за истакнати и заслужни граѓани од општината, за талентираните ученици и спортисти, а нема да изостане и хуманитарната коријада која заедно со општината ја организира Здружението на пензионери од Кисела вода.

Исто така, ќе биде задржувана традицијата отпочната минатата година, во деновите помеѓу културното лето и роденденот, да бидат промовирани, отпочнати или завршени голем број на поголеми инфраструктурни проекти.