Откако обвинителството најави дека отвора истрага, од YouTube е отстрането контроверзното интервјуто со Драган Павловиќ – Латас кое предизвика многу реакции во јавноста.

За ова се огласи и јутуберот Стефан Лазаров според кој работите отишле предалеку и затоа најави дека вечерва ќе објави ново видео каде ќе ја објасни целата ситуација.

Предалеку отиде работата дефинитивно. Сакав да почекам неколку дена со ладна глава да ви се обратам меѓутоа преголема работата е за да останам мирен и да не кажам ништо. Така да очекувајте вечерва видео на мојот Јутуб канал за да ви кажам што и како мислам, кажа Лазаров на неговиот Инстаграм профил.

Тој додаде дека вечерва ќе објасни за неговите вредности во кои верува и рече дека ќе направи целосен осврт на ситуацијата.

Претходно, овој подкаст наиде на лавина негативни реакции, а за со коментар се огласија и од секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР). Како што велат тие, за конкретниот случај денеска е доставено известување до Основното јавно обвинителство Скопје.

Ова интервју го осудија и од ЗНМ, ССНМ и СЕММ и според нив за јавни наративи што стимулираат омраза и агресија, мора да има одговорност.

Укажуваме дека слободата на говор подразбира одговорност и постоење на висока свест за демократските начела и за слободите, правата и обврските во едно отворено општество. Кога слободата на говор се претвора или провоцира криминални дејствија или каков било тип на нарушување на граѓанските и човекови права, тогаш тоа не е слобода туку е агресија и така треба да се третира. Укажуваме дека професионалните еснафски организации никогаш нема да прифатат ваков начин на комуникација во јавниот простор. Без оглед на тоа што лицата, во конкретниов случај, ниту биле, ниту се наши членови, чувствуваме потреба да предупредиме дека ова може да остави сериозни последици на јавноста, посебно на младата публика. Говорот на омраза како и говорот што поттикнува насилство и креира предрасуди не е и не смее да биде нормален во јавната комуникација, пишува во соопштението на ЗНМ, СЕММ и ССНМ.