Организација за дијалог и афирмација на средношколците – ОДАС реагира на донесеното решение за справување со прекинот на наставата поради дојавите за бомби. Имено, решението предвивува онлајн настава за учениците од средните училишта, но не гарантира квалитетна настава, надоместок на изгубената настава и успешно одвивање на полагањето на државната матура.
Оваа генерација на средношколци нема една цела година со непрекината настава, а тоа директно ќе се одрази на резултатите од матурата. Учениците го изразуваат својот револт и страв околу ова решение и како тоа ќе влијае на нивниот успех на матурата.
Од искуството од пред две години, кога во текот на корона-кризата се учеше онлајн, се покажа дека онлајн наставата е неефикасен начин на спроведување на образовниот процес. Учениците беа оставени да се справуваат со новонастанатата ситуација, како и со академскиот притисок и предизвиците со менталното здравје.
Бараме од надлежните да применат поефикасно решение на проблемот со онлајн наставата, да го решат проблемот со дојавите за бомби во училиштата и да им излезат во престрет на матурантите.