Во светот секоја година загинуваат 1,3 милиони луѓе во сообраќајни несреќи, а околу 50 милиони се повредени. Во Република Македoнија во 2021 година загинале 116 луѓе, рече претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Гордана Кожуваровска на денешното одбележување на Светскиот ден на сежавање на жртвите во сообраќајот коешто се одржа на Плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица.
Со положување на цвеќе и симболично испишаниот број 116 беше оддадено сеќавање на тие што го загубиле животот лани во сообраќајни несреќи во нашата држава, а ученици од сообраќајната струка при СОУ „Никола Карев“ од Струмица со испуштање на црни балони уште еднаш потсетија на катастрофалните последици од сообраќајните несреќи.
-За секоја жртва ќе запалиме по една свеќа и ќе положиме по едно цвеќе. Апелирам до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни, да ги почитуваат правилата и прописите за да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да кажеме „Стоп за смртта по патиштата, истакна Кожуваровска.
Додаде дека годинава е забележано најголемо намалување на борјт на загинатите во сообраќајни несреќи во последните 15 години. Како што рече, задоволни се од ова намалување, но и понатаму ќе продолжеле да работат овие бројки уште повеќе да се намалат.
Денешниот настан го организираа РСБСП заедно со Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Секторот за превенција при СВР Струмица.
Инаку, овој ден се одбележува од 1993 година, а во 2005 година ООН го прогласи за Светски ден на сеќавање на жртвите во сообраќајот и се одбележува секогаш во третата седмица во месец ноември.