Со високи државни почести денеска беше одбележана 19-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски. Во Алејата на великаните, државниот врв во состав на Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжена за политики на добро владеење, Ристо Пенов, министер за локална самоуправа и Беким Реџепи, заменик на министерот за транспорт и врски, положи цвеќе и оддаде почит.
Цвеќе положија и оддадоа почит прво сопругата на загинатиот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, а потоа и други делегации, делегација од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, предводена од претседателот на државата, Стево Пендаровски; делегација од Собранието на Република Северна Македонија, предводена од потпретседателот на Парламентот, Горан Мисовски и составена од пратеници од владеачкото мнозинство и од опозицијата во Собранието; делегација на Армијата на Република Северна Македонија предводена од генерал-мајор Азим Нуредин, заменик началник на Генералштабот; делегација од Сојузот на борци од НОАВМ, предводена од потпретседателот на Сојузот, Наум Буревски; претставници од фондацијата „Борис Трајковски”; повеќемина претставници од дипломатскиот кор во земјава; претставници на парламентарни политички партии во државава.
Владата на Република Северна Македонија е определена кон прогресивни политики што ги водат граѓаните и државата напред, каква што беше и визијата на загинатиот претседател Борис Трајковски. Определбите за заедничко општество, во кое што граѓаните живеат и работат заедно, независно од нивните етнички, религиски или други определби, во мир и во меѓународно почитувана држава, интегрирана во демократските семејства на држави и народи, НАТО и Европската Унија, се пример за храбро и мудро лидерство засновано на вредности, велат од Владата.
Владина делегација оддаде почит кон загинатиот претседател Борис Трајковски и во Струмица. На споменикот на поранешниот претседател Трајковски во неговиот роден град, цвеќе положија министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и Борче Хаџиев, директор на Бирото за јавни набавки.
Државничка церемонија ќе се одржии во Ротимље, организирана од институции од Босна и Хецеговина и Северна Македонија, каде ќе положат цвеќе и ќе оддадат почит делегација од Владата на Република Северна Македонија, предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и Екрем Ебиби, амбасадор на Република Северна Македонија во Босна и Херцеговина и претставници од Амбасадата и претставници од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Како и секоја година, при одбележувањето годишнина од трагичниот настан во Ротимље, што се случи на 26 февруари 2004 година, ќе оддаде почит и ќе положи цвеќе и делегација на Босна и Херцеговина, годинава предводена од Ненад Нешиќ, министер за безбедност на Босна и Херцеговина, како и делегација од Град Мостар.