Оддадена почит на осумтемина херои загинати на 28 април 2001 година
Одборот на бранителите денеска одбележа 24 години од масакрот врз осум припадници на безбедносните сили, кој се случи на 28 април 2001 година, помеѓу селата Селце и Вејце на Шар Планина, во месноста Бреза, известува Сител.
По интонирањето на македонската химна, беше оддадена почит со минута молк, а претставници на Одборот на бранителите, Министерството за одбрана, Армијата, МВР, политички партии, организации и здруженија на бранителите, како и навивачката група „Војводи“, положија свежо цвеќе пред плочата со имињата на загинатите херои.
„Тие ги вградија своите животи во границите на Македонија“
Марин Најдов, претседател на Одборот на бранители, истакна дека загинатите бранители ја донеле победата на Македонија и дека нивните жртви не смеат никогаш да бидат заборавени:
„Тие ја зачуваа државата и нејзините граници. Своите тела ги вградија во нашата територија, а душата во заедничкиот живот на сите граѓани, без оглед на вера и нација, во унитарна Македонија,“ рече Најдов.
Тој им порача на младите генерации да ја ценат слободата и да ја паметат цената што е платена за неа.
Апел: Одбележувањата да бидат на местата на трагедиите
Од Одборот на бранителите побараа централните манифестации за загинатите бранители секогаш да се организираат на самите места каде што ги положиле своите животи – како Вејце, Карпалак, Гајре, Кале – наместо во други градови:
„Тие места се симбол на нашата борба и жртва. Ние, бранителите, нема никогаш да заборавиме,“ истакна Најдов, повикувајќи државата да покаже поголема грижа и почит.
Имињата на загинатите бранители кај Вејце
На 28 април 2001 година животот го загубија:
Роберт Петковски (27), припадник на ОВР Битола
Игор Костески (26), ОВР Битола
Миле Јаневски (30), ОВР Битола
Бобан Трајковски (28), ОВР Битола
Марјан Божиновски (27), единица „Волци“
Илче Стојановски (24), единица „Волци“
Бошко Најдовски (25), единица „Волци“
Кире Костадиновски (24), единица „Волци“