ОДБОРОТ ЗА МИР ВО ГАЗА НА ТРАМП

Унгарија и Виетнам потврдија дека ја прифатиле поканата за членство во Одборот за мир во Газа, предводен од американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти американски функционер.

Според истиот извор, државите што сакаат постојано, а не тригодишно членство во Одборот, ќе треба да уплатат една милијарда долари, средства кои ќе бидат наменети за обнова на Газа.

Поканата за членство, како што беше соопштено, била испратена до околу 60 држави, а Кремљ потврди дека Доналд Трамп испратил покана и до рускиот претседател Владимир Путин.

„Претседателот Путин доби покана преку дипломатски канали да стане член на овој Одбор за мир. Во моментов ги разгледуваме деталите од овој предлог и се надеваме дека ќе разговараме за сите нијанси со Американците“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

Австралија, Јордан, Грција, Кипар, Пакистан, Канада, Турција, Египет, Парагвај, Аргентина и Албанија, исто така, потврдија дека добиле покана за приклучување кон Одборот.

Се очекува Соединетите Американски Држави во наредните денови да го објават официјалниот список на членови, најверојатно за време на Светскиот економски форум во Давос.

Одборот за мир во Газа ќе ги надгледува следните чекори по примирјето што стапи во сила на 10 октомври, вклучувајќи распоредување на меѓународни безбедносни сили, разоружување на Хамас и реконструкција на територијата.

Трамп изјави дека Одборот ќе има „смел нов пристап“ кон решавање на глобалните конфликти и дека би можел да стане потенцијален ривал на Советот за безбедност на Обединетите нации, чии одлуки САД често ги блокирале со вето.

Меѓу основачките членови на Одборот се поранешниот британски премиер Тони Блер, државниот секретар на САД Марко Рубио, американскиот специјален пратеник Стив Виткоф и зетот на Доналд Трамп, Џеред Кушнер.

Во меѓувреме, израелскиот крајнодесничарски министер за финансии Безалел Смотрич го отфрли Одборот за мир и јавно повика на негово распуштање.