Одбраната на Мухамед Зекири најави жалба до Кривичниот суд за притворот што синоќа му беше одреден на поранешниот генерален секретар на Владата, објавија повеќе медиуми повикувајќи се на изјава на адвокатот на Зекири, Александар Трајковски.
– Бараме да се укине мерката притвор и истата да се замени со поблага мерка – изјави Трајковски за телевизија „Сител“.
Судија на претходна постапка доцна синоќа му одреди 30-дневен притвор на Зекири. Судот сега треба да одлучи дали Зекири ќе остане во притвор или ќе му биде одредена поблага мерка.
Зекири вчера поднесе неотповиклива оставка по сомневањата дека ја злоупотребил службената положба. Тој се сомничи дека во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, со искористување на службената положба, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија, осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100 денари, на штета на Буџетот на Македонија, износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги.