Мицкоски: „Бараме достоинствено решение за уставни измени со одложено дејство“
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска повтори дека Владата останува на ставот за уставни измени во контекст на продолжување на преговорите со Европската унија, потенцирајќи дека потребно е „достоинствено решение“.
„Имаме достоинствено решение на маса, а тоа се уставни измени со одложено дејство. Повелете да разговараме,“ изјави Мицкоски на прес-конференција во Владата.
Мицкоски за уставни измени – даде одговор на изјавата на Таравари
Прашан да ја коментира изјавата на министерот за здравство, Арбен Таравари, кој рекол дека премиерот претходно бил против изградбата на Коридорот 8 и Преспанскиот договор. Мицкоски ги отфрли таквите наводи.
„Не сум бил против Коридорот 8, но точно е дека сум бил против Преспанскиот договор. Тоа што го цитирате не беше така кажано од господинот Таравари,“ нагласи Мицкоски.
Тој појасни дека по насилното донесување на Преспанскиот договор и уставните измени, реалноста не може да се игнорира, но истакна дека не отстапува од неговите ставови.
Поддршка за изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ
Мицкоски потсети дека уставните измени и другите прашања кои Владата ги застапува се дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Повтори дека Владата која има поддршка од повеќе од половина милион граѓани.
„Можеме да зборуваме за уставни измени, но во исто време можеме да зборуваме и за други работи што ги бараме. Немам намера ниту милиметар да се поместам од тоа што сум го кажувал.“
Категорично демантирање
Во врска со прашањето за ставот кон Коридорот 8 и Преспанскиот договор, Мицкоски повтори дека останува конзистентен на неговите изјави:
„Категорично демантирам дека сум бил против Коридорот 8. Сум бил против Преспанскиот договор, но не против развојните проекти како Коридорот 8.“
Мицкоски истакна дека Владата е отворена за дијалог и повика на конструктивност во решавањето на сите отворени прашања.