Американскиот претседател Доналд Трамп ја продолжи временската рамка за договор
САД му дадоа уште пет дена рок на Иран за да постигне договор и да се избегне конфликтот. Американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да го продолжи претходниот ултиматум за Иран за уште пет дена, одложувајќи ги најавените напади врз иранската енергетска инфраструктура. Одлуката следува откако, според Трамп, во меѓувреме се водат разговори со иранската страна.
Претходниот ултиматум беше поставен со цел Иран да го отвори Ормутскиот теснец. Тој теснец претставува клучна морска рута за глобалната трговија со нафта и е од стратешко значење за снабдувањето со енергенси.
„Во наредните пет дена нема да има воздушни напади врз иранските електрани и енергетски капацитети. Ова е резултат на добри и продуктивни разговори во последните два дена“, соопшти Трамп.
Претходно, претседателот се закани дека ќе нареди напади врз иранската енергетска инфраструктура ако Техеран не дозволи повторно отворање на Ормутскиот теснец во рок од 48 часа.
Иран, сепак, негира дека се одвиваат директни разговори со САД.
Контекст на конфронтацијата
На 28 февруари, САД и Израел почнаа со напади врз Иран. Двете земји наведуваат дека доколку Иран поседува нуклеарно оружје, тоа претставува закана не само за нив, туку и за други држави во регионот.
Ова продолжување на рокот е обид за одложување на конфронтацијата и отворање простор за дипломатски решенија пред евентуални воени акции.
