Судиската одлука и објаснувањето зошто Даравелски ќе добие ново судење логичната дилема како судот оценил дека осудениот сите изминати години не знаел дека треба да оди во затвор според правосилна пресуда од 2008 година. Но, она што е јасно е дека со можноста за ново судење, поранешниот директор на Царинската управа ќе стане слободен човек бидејќи за делото за кое се бараше има апсолутна застареност, па на првото рочиште од новото судење извесно е дека тоа само ќе се констатира

Универзитетскиот професор по кривично право, Гордан Калајџиев, смета дека судската одлука поранешниот директор на Царинската управа да добие ново судење е чудна и мириса на изигрување на законот.

„Одлуката е во најмала рака чудна. Да не речам дека отворено мириса на изигрување на законот, некој вид на злоупотреба. Од кои мотиви не знам. Луѓето прво што помислуваат се лукративни мотиви. Да се тврди дека два совети се поткупени исто така е тешко обвинение … Да се јави лицето откако ќе истече можноста за гонење односно застарување на делото после 20 години и да му се одобри со верување дека лицето кое 20 години живеело во Белград не знаело за сите постапки за него. Па нема човек во Македонија кој не знае дека Даравелски е во бегство и бил осуден. Станува смешно, да не речам трагично“, вели за ТВ Телма професорот Калајџиев.

Даравелски во 2008 година правосилно беше осуден на седум години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања во периодот од 1999 до 2002 година. Судењето против него се одвиваше во отсуство бидејќи тој избега во Србија.

За него беа испратени четири барања за екстрадиција (2004, 2013, 2016 и 2020 година), два пати беше апсен во Белград (2004 и 2016 година) врз основа на потерница распишана од македонските власти, но никогаш не ѝ испорачан на државата. На 10 јануари годинава само се појави на граничниот премин „Табановце“, веднаш беше приведен и спроведен во затворот „Идризово“.

По 35 дена поминати во ќелија, тој денеска излезе на слобода, бидејќи вчера од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека му го одобриле барањето за ново судење со оглед дека претходното било во неговото отсуство. На одлуката на Кривичен се жалело скопското обвинителство, но Апелација не ја прифатило жалбата и го целост застанала зад ставот на првостепениот суд. Од првостепениот суд, пак, во објаснувањето наведоа дека за да се донесе ваква одлука биле ценети ставот 2 од членот 3 во Вториот дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција, како и одредбата од ставот 1 од членот 424 од Законот за кривична постапка во која се наведува дека ако некој е осуден во отсуство, ќе добие можност за ново судење во негово присуство ако не поминало повеќе од една година откако дознал за пресудата.

Ова ја наметна логичната дилема како судот оценил дека Даравелски сите изминати години не знаел дека треба да оди во затвор според правосилна пресуда од 2008 година.

Но, она што е јасно е дека со можноста за ново судење, поранешниот директор на Царинската управа ќе стане слободен човек бидејќи за делото за кое се бараше има апсолутна застареност, па на првото рочиште од неговото судење извесно е дека тоа само ќе се констатира.