Српскиот експертот за верски прашања Јован Јањиќ за Тањуг вели дека дека Македонска православна црква не е призната од „Вселенската патријаршија“, туку од Цариградската патријаршија, која е само прва меѓу сите помесни православни цркви во светот. Јањиќ истакнува дека Цариградската патријаршија се мешала во јурисдикцијата на Српската православна црква.
Професорот на Правниот факултет во Крагуевац пак Зоран Чворовиќ по повод одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј, изјави дека само Српската православна црква има право да даде автокефалност на некој организациски дел. Во изјава за агенцијата Бета, Чворовиќ рече дека Вартоломеј ја „ограбил канонската територија на Српската православна црква“ и дека, како што ги нарече, за канонски ги прогласил „расколниците во Македонија“ кои се одвоиле од Српската православна црква.
Вчера Руската православна црква, соопшти дека ги признава исклучиво правата на Српската православна црква во Македонија. И бугарските медиуми потсетуваат за тоа дека пред неколку години МПЦ бараше Бугарската православна црква да биде прогласена за нивна црква-мајка, но веднаш штом беше формирана комисија при Светиот синод на БПЦ за ова прашање, македонските владици почнаа да бараат директна помош од Вселенската патријаршија.
Во Атина грчките медиуми ги пренесуваат македонските медиуми. Дописничката на МИА јавува дека детално во тамошните медиуми се пренесува вчерашното соопштение и покрај непријателскиот став на Српската патријаршија. Се вели дека Константинопол не навлегува подлабоко во прашањето и му остава на Белград да преземе потези за завршување на постапката по ова прашање.