Во една од иницијативите е наведено дека оспорената Одлука е потпишана од неовластено лице во својство на заменик-претседавач на Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија.

Уставниот суд на денешната седница, меѓу другото, ќе расправа по иницијативите поднесени на Одлуката за избор на претседател на Собранието на Република Македонија, бр.08-1108/1 од 2 мај 2017 година („Службен весник на Република Македонија” бр.53/2017), донесена од Собранието на Република Македонија.

Подносители на иницијативите, како што информираат од Уставниот суд, се Тодор Петров од Скопје, претседател на Светски Македонски Конгрес, Васко Лазески од Кичево, Богдан Илиевски и Борис Дамовски од Скопје и Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе.

Во една од иницијативите е наведено дека оспорената Одлука е потпишана од неовластено лице во својство на заменик-претседавач на Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија.

Подносителот смета дека оспорената одлука за избор на претседател на Собранието на Република Македонија не е во согласност со членот 63 став 1 од Уставот поради тоа што Одлуката не била донесена на седница на Собранието на која требало да претседава претседателот на Собранието од претходниот состав кој ја свикува конститутивната седница на Собранието не подоцна од 20 дена по одржаните избори на 11 и 25 декември 2016 година.

Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека оспорената одлука за избор на претседател на Собранието на Република Македонија, фактички била донесена по затворање на седницата на Собранието на 27 април 2017 година, од страна на неопределен број пратеници, и со тоа биле сторени повеќе кривични дела согласно Кривичниот законик.

Оспорената одлука била потпишана од пратеникот Горан Мисовски, кој не бил претседавач на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија и како таква Одлуката која воедно била и објавена во „Службен весник на Република Македонија” бр.53/2017 на 8 мај 2017 година била во спротивност со Уставот, Законот за Собранието на Република Македонија и Деловникот на Собранието на Република Македонија.