Осомничени за злосторничко здружување и оружје
Тројца жители на Скопје се под истрага и им е одреден притвор, по сомневање дека се организирале за одмазда за своите браќа осудени за тероризам.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција постапува по кривична пријава поднесена од Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал. Донесена е наредба за спроведување истражна постапка против три лица од Скопје.
Според информациите од МВР, станува збор за Б.Д. (33), М.Д. (29) и С.Е. (25), сите од Скопје.
Од Обвинителството соопштуваат дека постои основано сомнение оти осомничените сториле кривични дела „злосторничко здружување“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
Сомнежи за собирање пари и набавка на оружје
Во текот на предистражната постапка било утврдено дека постои сомнение оти осомничените се организирале за одмазда за нивните браќа, кои минатата година биле обвинети и осудени за „терористичка организација“.
Според досега обезбедените докази, тие делувале организирано и координирано како група со заедничка идеолошка определба. Сомнежите упатуваат дека нивните активности биле поврзани со радикални исламистички наративи.
Постојат индиции дека групата преземала активности за собирање парични средства од земјата и странство. Се сомничи дека средствата биле користени за пропаганда и активности поврзани со Исламската држава, како и за набавка на оружје.
Пронајдено оружје при претреси
По наредба на Основниот кривичен суд Скопје, а под раководство на јавен обвинител, во петокот биле извршени претреси на домови и други простории на повеќе локации во главниот град.
При претресите биле пронајдени и одземени автоматска пушка со две рамки и 44 куршуми, два пиштола со три рамки и 14 куршуми, една ловна пушка, една воздушна пушка, рачна димна бомба, муниција од различен вид и калибар, како и други предмети поврзани со истрагата.
По предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка на осомничените им определил мерка притвор во траење од 30 дена, поради постоење законски основи согласно Законот за кривична постапка.
