Пронајден е мртов исчезнатиот германскиот турист. По него трагаше крајбрежната служба на Грција од неделата попладне. Тој заедно со уште седум лица, кои беа спасени, биле на едрилица, но ја напуштиле оти пловела без контрола во близина на грчкиот остров Сими.

Од крајбрежната служба на Грција соопштија дека вчера, во утринските часови во морскиот дел западно од Сими било пронајдено безживотно тело кое било идентификувано како осмиот исчезнат патник од едрилицата.

Во неделата попладне,  едрилицата на осумтемина германски туристи била забележана како неконтролирано плови, по што започна спасувачка акција со патролни бродови, брод пловидба за отворено море и хеликоптер Супер Пума.

Беа пронајдени седум од осумте лица, односно двајца успеале сами да допливаат до брегот, еден бил пронајден на брегот од рибарски чамец, а уште четворица биле лоцирани на блискиот брег од патролен чамец на крајбрежната служба.

Потрагата продолжи во море и на копно за пронаоѓање на последниот исчезнат турист, чие тело беше пронајдено вчера.