Со низа прашалници на фирмите за надзор, Владата даде зелено светло на договорот за изградба на коридорите 8 и 10Д. Одобрувањето следи по предлог на Комитетот за преговори со кој раководи вицепремиерот Артан Груби. За него денеска е историски ден.

Денеска е голем ден во Управниот комитет и во Владата каде го разгледавме Извештајот на нашиот консултант за преговорите со конзорциумот Бехтел Енка за изградба на Коридорот 8 и 10-Д како и одобрување на содржината и потпишување на договорот.

Коридорите треба да ги гради „Бехтел и Енка“, а надзор да врши конзорциумот „ИРД Инженеринг“ заедно со „Ептиса“, „Електра Солушнс“ и „Евро консталтинг“.

Опозицијата денеска обвини дека една од фирмите добила лиценца среде тендерската постапка и побара Јавното обвинителство да отвори предмет пред да почне проектот.

Најновите документи кои дојдоа до нас говорат дека Електра Солушнс, на 30 годишниот Андон Ампов, која е составен дел од Конзорциумот која го добива тендерот од 22 милиони евра, добива лиценца за надзор во тек на постапката за избор на надзор на изградбата на Коридорите 8 и 10д. Ова е Лиценцата која Министерството за транспорт и врски и ја издава на Електра Солушн на ден 03.10.2022 година, што е 3 недели откако е распишан јавниот повик за избор на надзор на изградбата на Коридорите 8 и 10д. Овој документ говори дека во периодот кога јавниот повик бил распишан Електра Солушн немала лиценца за надзор и истата лиценцата ја добива на само 2 недели пред истекот на првичниот рок“– Бојан Стојановски, ВМРО-ДПМНЕ

Откако Призма објави дека Бранислав Димитријевиќ, сопственик на „Евро консталтинг“, работел и во „Ептиса“, а сега се гони за корупција, од компанијата демантираат и тврдат дека тој никогаш не бил вработен таму.

Ве информираме дека ‘Ептиса’ на проектот во Ерменија беше членка на конзорциумот (воден од друга меѓународна компанија). ‘Ептиса’ имаше минорна улога во спроведувањето на проектот и г. Димитријевиќ не беше ангажиран или вработен во ‘Ептиса’. Исто така, ве известуваме дека г. Димитријевиќ никогаш не бил ангажиран или вработен во ‘Ептиса’ на ниту една позиција.“

Наскоро треба да биде позната и сумата за четирите автопатски делници во должина од над 120 километри.  Изградбата треба да трае 3 години.