Полициски службеници од СВР Скопје вчера на клучката Стајковци го лишиле од слобода Б.И.(30) од Сингелиќ, Скопско затоа што околу 10:50 часот на магистралниот пат Скопје – Граничен премин „Долно Блаце“, во близина на преминот, со пиштол им се заканил на К.Е.(37) од Скопје и Р.С.(45) од Куманово.

Како што информира МВР, Б.И. набрзо бил пронајден и приведен од страна на Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје. При преглед на возилото „голф“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени пиштол, кој го поседувал без одобрение, рамка со три куршуми и нож.

Од страна на Единицата за недозволена трговија – Одделение за недозволена трговија со оружје и експлозивни материи денеска против него била поднесена кривична пријава по член 396, а од страна на Единицата за насилен криминал поднесена е кривична пријава по член 133 од Кривичниот законик, додека од судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор од 30 дена.