Во Технолошко-индустриската развојна зона во Струга денеска официјално почна со работа канадската компанија „Магна Мирорс“ која произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на најзначајните производители на автомобили во светот. Според бизнис планот на компанијата во наредните 10 години се планирани над 1.300 вработени и инвестиција од вкупно 39 милиони евра. Во моментот работат 324 лица и со тест производството, кое трае повеќе од една година, заклучно со септември остварен е износ од над 13 милиони денари.
На официјалното отворање присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, потпретседател на компанијата „Магна Интернационал“ Дејвид Креспи, директорот на Магна Македонија Данчо Петров, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, вработрени во компанијата…
Инвестицијата во Струга, според претседателот на Владата, е потврда за заложбите за рамномерен регионален развој, за нови добро платени работни места, а со тоа и нов стимул за економијата.
– Ваквите инвестиции се јасен сигнал дека Северна Македонија нуди предвидлив деловен амбиент за компаниите, за нови инвестиции и предвилива иднина за тоа каде се движи оваа држава. И според Индексот на „Инвестмент монитор“ за 2022 година, кој го споредува Бруто-домашниот производ во однос на странските директни инвестиции, постигнавме импресивни резултати. Како земја сме значително над глобалниот просек кога станува збор за привлекување на гринфилд инвестиции како што е оваа. Речиси 90 проценти од инвестициите потекнуваат од нови проекти, додека останатите 10 проценти се од инвестиции во проширување, посочи Ковачевски.
Вкупниот долгорочен план за инвестиција на „Магна Мирорс“, нагласи, изнесува над 39 милиони евра, а согласно договорот, висината на државната помош е 50 отсто од реализираната инвестиција, која ќе се имплементира преку даночни и царински ослободувања како и грантови за отворање нови работни места, за оправдани инвестициски трошоци и за зголемување на конкурентноста.
Причината поради која компанијата Магна донела одлука да отвори фабрика во Македонија, според премиерот, е членството во НАТО, почетокот на преговорите за влез во Европската унија, близината до европскиот пазар, помошта што ја добива од државата и фискалната политика, како и квалитетни и вредни работници од Македонија.
И покрај најголемата светска криза и предизвиците пред кои сме сите исправени, на инвеститорите им порача да ги искористат можностите и да го вложат својот капитал во нашата држава.
– Креираме поволен деловен амбиент и еднакви услови како за домашните така и за странските инвеститори. Креираме нова развојна економска политика и поволна бизнис клима за инвеститорите да растат, заедно со државата, нагласи премиерот Ковачевски.
Осврнувајќи се и на енергетската криза, тој вети дека никој нема да биде оставен сам, и нема да биде принуден да избере помеѓу греење и храна. Тоа, додаде, го потврдува новиот пакет антикризни мерки во вредност од 360 милиони евра, нагласувајќи дека струја, греење и храна, мора да има за сите.
– Во понеделникот, почна со работа најголемата досега соларна електрана во Северна Македонија, која ќе произведува струја од нашето македонско сонце. 17 МВ фотоволтаична централа значи производство на 25 гига ват часови електрична енергија, а тоа е повеќе електрична енергија од онаа која што ја користат сите основни и средни училишта во државата или еднакво на потрошувачката на електрична енергија на 5.500 семејства во државата, потсети Ковачевски.
Истакнувајќи ги новите политики за привлекување странски инветиции, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски изрази задоволство дека со вложување во вакви технолошко напредни компании како „Магна“ кои носат добро платени работни места, се отвора можност за пристоен живот на над 1.300 сограѓани.
– Нашата посветеност да работиме на откривање нови работни места продолжува понатаму и нашата цел е да видиме удвојување во делот на странски инвестиции во зоните. Особено ме охрабрува тоа што во време на глобални економски предизвици со паметен пристап успеваме да креираме добра деловна клима и да ја добиеме довербата на постојните и нови инвеститори, истакна Деспотовски.
Потпретседателот на компанијата „Магна Интернационал“ Дејвид Кресп, порача дека Магна има широко портфолио и е на четврто место глобално во својата индустријата, додека „Магна Мирорс“ е лидер во производстото на внатрешни и надворешни огледала за автомобили, како и напредни видео системи за следење на движењето, модули и компоненти за возила.
– Тоа што почна како идеја во 2018, сега е реалност. Нашата инвестиција е околу 35 милиони евра, се наоѓа на површина од 17 илјади метри квадратни и ќе има над илјада вработени, изјави Кресп.
Директорот на фабриката „Магна“, Данчо Петров информира дека производствениот процес почнал минатиот септември со тимот од околу 70 вработени.
– Денес една година подоцна гордо можеме да кажеме дека нашето семејство брои 350 вработени, успешно го стартувавме производтсвото на сите производи и веќе позади нас се повеќе од 50 илјади произведени ретровизори, 2,5 милиони акватори и 150 илјади жичани инсталации. Сето ова го постигнавме со голем квалитет што е една од одликите на Магна, истакна Петров.
„Магна интернационал“ е канадска компанија со глобално седиште во Онтарио-Канада, која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти.