Изет Меџити, неформалниот лидер на „огнената грула“ и Муса Џафери, заедно со Блерим Беџети и Невзат Бејта утре ќе го имаат главниот тест за сопствениот рејтинг, ќе одржат собир со структури на ДУИ и граѓани во Кичево, „конакот“ или бастионот на лидерот Али Ахмети, пренесува Мкд.мк.
Како што наведоа некои медиуми на албански јазик потсетувајќи дека Ахмети е од Зајас и дека почетоците „во општеството“ ги прави во Кичево. Од друга страна, вечерва Ахмети на собир со бизнисмени во Тетово, призна постоење на група во партијата со која „постојат недоразбирања“ и нагласи дека е „искрен со сите во ДУИ’.
„Од ‘групата на Муса’ многу се зборува, де ова не го прави Али, де она не го прави…Браќа, не бива политика со двојни аршини. Јас не сум човек кој едно зборува, а друго работи, зашто тоа претставува лицемерие. Верувам дека моето 40-годишно ангажирање даде доволни докази дека јас директно зборувам и се обраќам. Тоа и на Црвенковски, потоа на Груевски и на Заев сум им го кажал, како и на НАТО и на ЕУ, дека тој што го гледате на телевизија, тој со кого разговарате на телефон, тој е истиот Али Ахмети и кога директно разговара со вас и комуницира со луѓе. Но, што да се прави, таква е ситуацијата. Грешат“, рече Ахмети на прашањето за проблемите од „групата на Муса“ (Муса Џафери, н.з.).
Инаку, Ахмети на средбата со група бизнисмени од Тетово зборувал и на други теми, при што нагласил дека секогаш се залагал за каузата на Албанците, но и дека отсекогаш ја бранел, како што рече, каузата на Македонците.
„Сум бил и натаму ќе бидам ангажиран во одбрана на каузата на нашите сограѓани Македонци, на нивниот идентитет, јазик и култура”, рече Ахмети притоа додавајќи дека заедно сите граѓани на земјава треба да се сплотат кон целта за добивање членство во ЕУ.
Aхмети најави дека утре ќе има собир со граѓани и сопартијци во Боговиње.