Жртвата е 81-годишен Германец, убиен и ограбен во сопствениот дом

Апелациониот суд во Солун донесе одлука за екстрадиција на 34-годишен државјанин на Македонија, кој е осомничен за брутален грабеж и убиство на 81-годишен маж во германскиот град Библис. Информацијата првично ја објави грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на судски извори.

Злосторството се случило на 9 февруари оваа година, а телото на жртвата било откриено од роднини дури два дена подоцна, во неговиот стан на улицата Линденштрасе. Обдукцијата потврдила дека станува збор за насилна смрт, а германските власти веднаш го активирале обвинителството во Дармштат и формирале посебна истражна единица под кодното име „1002“, составена од над 20 полицајци.

Осомничениот уапсен на Евзони, судот ја одби молбата за останување во Грција

Според германските истражители, осомничениот Македонец престојувал во Германија заедно со сограѓани, на службено патување. Сместувањето им било овозможено токму кај жртвата. Според обвинувањата, тој заедно со соизвршители го врзал 81-годишниот домаќин, му ја затворил устата и го ограбил, што резултирало со смрт од задушување.

По распишувањето на европската потерница, осомничениот бил уапсен во мај на граничниот премин Евзони, при рутинска пасошка контрола. На судењето во Солун, тој побарал да не биде екстрадиран, тврдејќи дека неговото семејство од Велес полесно ќе го посетува ако остане во Грција. Сепак, грчките судски власти не го прифатија тоа како валиден аргумент и ја одобрија екстрадицијата во Германија.