Во Пекинг на 3 септември ќе се одржи голема воена парада по повод 80 години од капитулацијата на Јапонија во Втората светска војна, на која ќе учествуваат 26 светски лидери, меѓу нив Владимир Путин и Ким Јонг Ун.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека свеченоста ќе го одбележи Денот на победата и ќе биде меѓу најзначајните дипломатски настани годинава. Покрај Путин и севернокорејскиот лидер, најавено е присуство на словачкиот премиер Роберт Фицо, белорускиот претседател Александар Лукашенко, како и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Иако Вучиќ сè уште не го потврдил своето присуство, поканата што Си Џинпинг му ја испрати во јули го прави неговото учество речиси извесно.
Во мај, Си Џинпинг, Вучиќ и Фицо веќе присуствуваа на слична воена парада во Москва, организирана за 80-годишнината од победата над Оската.
Објавата од Пекинг доаѓа само неколку дена по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека сака директна средба со Ким Јонг Ун, во период кога Белата куќа се обидува да посредува во мировен договор за Украина.