Настаните за свечено одбележување на 24 Мај – Ден на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, Владата ги организира во Охрид. Одбележувањето почнува вечерва во 19:30 часот, во црквата Св.Софија, каде ќе се одржи прием и концерт на гудачкиот ансамбл „Антео”, по што следи концерт по повод одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј.

Утре, настаните почнуваат во 10 часот со панел дискусија:„Македонскиот јазик во словенскиот свет”, по што на плоштад Охрид ќе се положи цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј. На пладне на Плаошник е централната свеченост.

Во селото Битуше утре, на 24 мај, со почетокот во 9 часот, ќе се отслужи Света архијерејска литургија во бигорскиот скит посветен на солунските браќа.

Скитот посветен на светите рамноапостоли сесловенски првоучители и покрстители, солунските браќа Кирил и Методиј се наоѓа на висорамнината под планината Крчин, над Битуше, општина Маврово и Ростуше.

Темелите беа осветени и поставени на 31 мај 2014 година, а првата литургија беше одржана на 24 мај 2017 година.