Охрид е подготвен за чествување на големиот христијански празник Богојавление – Водици. Богослужбите ќе почнат во раните утрински часови, а положувањето на светиот крст во водите на Охридско Езеро на Градското пристаниште ќе почне во 10 часот.

Тоа беше соопштено по денешниот состанок на Координативното тело за организирање на најмасовната црковно-верска манифестација „Богојавление – Водици“, а покрај Локалната самоуправа вклучени се и јавните претпријатија, Дебарско-кичевската епархија, Црвен крст – Охрид, нуркачките клубови, здравствените установи, ТППЕ Охрид и СВР Охрид.

Централната богослужба, како што информира Илија Ристески, претставник од Дебарско- кичевската епархија, ќе биде во храмот Успение на Пресвета Богородица Каменско, со која ќе чиноначалствува неговото високо преосвештенство митрополитот на Дебарско-кичевската епархија Тимотеј. Богослужби ќе има и во сите парохиски цркви во градот по што во литии верниците ќе се упатат кон Градското пристаниште.

– Богослужбите како и секоја година и оваа ќе почнат во раните утрински часови, во 7 часот, каде што ќе можат тие кои ќе сакаат да се капат во водите на Охридското Езеро да се пријават за учество на овој настан. Положувањето на светиот крст во водите на Охридско Езеро на Градското пристаниште ќе почне во 10 часот, истакна Ристески.

По фрлањето на светиот крст на Градскиот плоштад ќе има и забава со Чалгија саунд систем.

– Се надевам како и секоја година и оваа ќе има голема посетеност. Ние привлекуваме доста туристи кои се претежно од околкните градови, односно од државава. Можеби треба да се размисли за некоја понуда со угостителите и ХОТАМ, но тоа би било за наредната година, да бидат дадени на крај на летото и почеток на есента со промотивни пакети, програми, кои би привлекле дополнителни гости од странство, смета градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков.

Традиционално и оваа година, следниот ден на Свети Јован Крстител, ќе се одржи Денот на рибарите на плажата Сараиште, кога тајфата која го фатила крстот се капе во водите на Охридското Езеро и заедно со рибарите го слават овој ден.

– Ќе има една мала забава подготвена заедно со Охридскиот музички еснаф, која ќе придонесе за збогатување на тој амбиент и достоинствена прослава на Денот на рибарите, истакна Пецаков.

Во однос на посетеноста на градот, Јаким Маленко, туристички работник, не очекува голема број гости, бидејќи, како што рече, празникот е во средина на работната недела, а нема ниту понуди од хотелиерите.

– Најголемото значење ќе му се даде на фрлањето на крстот и осветувањето на водите. Најголем број ќе бидат домашните туристи. За жал, оваа година хотелите не можат да излезат во пресрет како и минатите години со многу прифатливи цени. Но, сепак имаат достапни цени за сите, па секој кој сака е добредојден да присуствува на свечениот чин и целата манифестација, изјави Маленко.