30-годишна македонска државјанка и нејзиното шестнеделно бебе беа убиени во саботата во швајцарскиот град Живисие. Осомничен за двојното убиство е нејзиниот 43-годишен сопруг, кој според швајцарските власти, во земјата бил пријавен како бугарски државјанин.
Како што информираат швајцарските медиуми, повикувајќи се на официјални полициски извори, во саботата околу 16:45 часот, Кантоналната полиција во Фрајбур добила пријава за пронајдени тела на жена и бебе во семеен стан во населбата Живисие.
Сопругот, кој се обидел да се самоубие, бил пронајден со полесни повреди. Тој добил медицинска помош и бил пренесен во болница со полициска придружба.
Според порталот „20min.ch“, на самото место бил извршен увид, а осомничениот бил уапсен. Јавното обвинителство на Кантон Фрајбур отвори кривична истрага за убиство со умисла. Осомничениот маж, кој е со потекло од Охрид, го признал делото.
Порталот Охрид Њуз неофицијално дознава дека и жртвата и осомничениот се со потекло од Охрид.
Од Министерството за надворешни работи на Македонија ја потврдија информацијата. Тие соопштија дека амбасадата во Берн добила известување од надлежните швајцарски институции во неделата, на 7 јули, во кое е наведено дека на 5 јули околу 17:00 часот била пријавена трагедија во стан во Живисие.
Според доставените информации, се работи за три лица:
М.Т., македонска државјанка, родена во 1995 година,
Д.Т., бебе родено во 2025 година, пријавено кај властите како бугарски државјанин,
А.Т., роден во 1982 година, со потекло од Македонија, со двојно државјанство, но пријавен во Швајцарија како бугарски државјанин.
Жената и бебето се прогласени за мртви на лице место, додека осомничениот бил итно пренесен во болница поради нанесени повреди. Надлежните институции на Швајцарија го третираат случајот како двојно убиство, за кое постои основано сомнение дека е извршено од страна на сопругот.
Амбасадата на Македонија во Берн, според соопштението од МНР, е во постојана комуникација со швајцарските институции, како и со блиските роднини на жртвите. Таа ќе продолжи да ги следи понатамошните постапки и да обезбедува поддршка во рамките на своите надлежности.