Брзината на потврдувањето на кандидатурите зависи од проверката на податоците за кандидатите од институциите, имајќи предвид дека станува збор за голем број кандидати. Институциите се должни информациите во електронска форма да ги достават до ОИК.
Изборната комисија на Град Скопје веќе ги потврдила листите на кандидатите кои ден пред истекот на рокот ги доставиле своите кандидатури и тоа на Левица и за советници и за градоначалник и на Бошњачки демократски сојуз. За градот Скопје поднесени се 12 кандидатури за градоначалник и 15 листи за советници, што е најмногу во споредба со другите општини.
Вкупно, во сите 80 општини и Градот Скопје поднесени се 297 кандидатури за градоначалник и 546 листи за советници.
ОИК листите најдоцна до 18 септември треба да ги достави до Државната изборна комисија, за потоа да се одржи жрепка и огласување на листите.
Државната изборна комисија вчера на седница укажа дека сите ОИК во својство на изборен орган должни се да ги почитуваат одредбите од Законот за заштита на личните податоци, согласно кој децидно се уредува заштитата на лични податоци и правото на приватност во врска со обработка на нивните лични податоци. Сите членови на ОИК се должни да ги почитуваат начелата поврзани со обработка на личните податоци, бидејќи потпишаа изјава за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци.
– Најстрого е забрането изнесување при фотографирање, фотокопирање, електронска пошта, телефонски, на документација која содржи лични податоци на кандидатите, како и на целата документација на ОИК кои ги обработуваат овие податоци. За прекршување на одредбите од законските прописи, кои ја регулираат заштитата на лични податоци согласно кривичниот законик се предвидени и соодветни санкции. Затоа, ДИК почнувајќи од нас самите, од вработените во ДИК, од помошните тела ангажирани, како и до сите изборни органи, ОИК и избирачките одбори бара целосно професионално и одговорно однесување во работењето од сите изборни органи согласно важечките законски прописи, истакна потпретседателката на Комисијата Дитмире Шеху.
Претседателот на ДИК Александар Даштевски исто така нагласи дека ОИК мора да внимаваат бидејќи, како што рече, покрај тоа што давањето лични податоци е забрането со посебен закон, казниво е и според Кривичниот законик и некои дејствија што ќе се преземат по тој повод ќе зависат од од органите на прогон.
Одговарајќи на новинарско прашање, Шеху посочи дека кадидатурите овој пат ги потврдуваат ОИК согласно Изборниот законик. Моментално, како што кажа, тие ја прегледуваат документацијата и чекаат уверенија од судовите.
На денешната седница ДИК го усвои барањето за добивање овластување за набљудувачи, односно за 34 лица. Сите оние кои се заинтересирани за набљудување на изборите можат да достават документација најдоцна седум дена пред одржувањето на изборите.
ДИК се подготвува за избори си терминали за вчитување на отисоци од прсти за што серверите веќе пристигнаа во земјата, а деновиве се очекува пристигнувањето на уште 950 терминали. Останатите ќе пристигнат најдоцна до 1 октомври. Едукацијата на изборните органи е исто така веќе во тек.
Сите учесници на локалните избори веќе и се познати на јавноста, а кампањите, барем, неофицијално, веќе одамна почнаа.
Партијата ДУИ вчера на прес-конференција соопшти дека на локалните избори ќе се натпреварува со 35 листи за советници и 19 кандидати за градоначалници. Во шест општини, како во Струга, Чаир, Шуто Оризари, Битола, Маврово и Куманово носителките на Листи за општинските совети се жени.
Кампањата за изборите започнува на 27 септември, а завршува на 15 октомври. Изборите ќе бидат и овој пат со протоколи за почитување на Ковид-19.