Обвинителството постапува против 18-годишна, а за две малолетнички побара подготвителна постапка
Видеоснимка од напад врз 13-годишно девојче објавена на социјалните мрежи го активираше постапувањето на Основното јавно обвинителство Куманово.
По преземените дејствија, обвинителството отворило постапка против 18-годишна девојка, а до судијата за деца при Основниот суд во Куманово доставило барање за подготвителна постапка за две малолетнички на возраст од 15 и 14 години.
Тие се сомничат дека заеднички учествувале во кривично дело „Насилство“ согласно член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според досегашните сознанија, на 13 март годинава девојките ја повикале 13-годишната жртва да излезе од дома и ја однеле во напуштена просторија во близина на спортскиот центар „Соколана“ во Куманово.
Таму, како што информираат од обвинителството, ја навредувале и физички ја нападнале. Ја удирале по лицето и телото, а ја влечеле и за коса.
Нападот бил снимен со телефон
Осомничените го снимале нападот, а потоа на девојчето му се заканиле дека ќе има последици доколку раскаже што се случило.
Обвинителството започнало со обезбедување докази веднаш по објавувањето на видеото на социјалните мрежи.
За 18-годишната осомничена е доставен предлог за определување мерки на претпазливост. Меѓу предложените мерки се задолжително јавување во суд, привремено одземање на патна исправа и забрана за приближување и контакт со жртвата.
