Основното јавно обвинителство денеска излезе со информација за вчерашната сообраќајна несреќа на автопатот Штип-Миладиновци во која загинаа три лица.

Според направениот увид и првичните информации, до несреќата дошло кога автомобил „шевролет“ со скопски регистарски таблици, во кој се превезувале петмина патници од едно семејство кои се враќале кон Скопје од веселба во Кочани, почнал да претекнува возило „тојота“ со кочански таблички во кое се превезувале две лица.

Во моментот на престигнувањето, возачот на „шевролетот“ загубил контрола врз возилото по што прво удрил во левата банкина, а потоа се одбил и удрил во автомобилот кој паралелно го претекнувал. Како последица на сударот, двата автомобила се превртеле во канал покрај патот, при што животот го загубиле три лица од скопскиот автомобил – сопруга, ќерка и мајка на сопругата на возачот. Останатите четворица учесници во несреќата се здобиле со телесни повреди, а најтешки повреди се констатирани кај сопатникот во кочанското возило.

Првичното тестирање кај возачот на автомобилот „шевролет“ покажало присуство на алкохол, но дополнително, со цел да се утврди точниот процент, земени се примероци од крв за анализа.

На местото на несреќата е повикан сообраќаен вештак, а обвинителството ќе издаде наредба за комплетно сообраќајно вештачење.

– Се обезбедува целокупна медицинска документација за повредените и починатите во несреќата. По целокупното испитување на настанот, јавниот обвинител ќе донесе одлука за натамошниот тек на постапката, се вели во соопштението.

Тројца од повредените кои беа хоспитализирани во Клиничка болница Штип се пуштени на домашно лекување.