Основното јавно обвинителство Скопје спроведува истрага за несреќата кај Рашче

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа изврши увид на местото на несреќата кај Рашче, каде автомобил со патници излета од патот и падна во водите на Вардар.

И покрај исклучително тешките услови и непристапниот терен, беа преземени сите неопходни дејствија за обезбедување траги и докази, со цел да се утврдат причините за трагедијата.

Од водите на Вардар, заедно со автомобилот, беа извадени три починати женски лица, за кои јавниот обвинител издаде наредба за обдукција. Потрагата по уште едно лице продолжува, додека четиригодишно дете, кое било патник во возилото, е пронајдено повредено надвор од автомобилот и пренесено во Клиничкиот центар.

Според првичните сознанија, со возилото управувала една од починатите жени. Јавниот обвинител ќе издаде наредба за вештачење на автомобилот, со цел да се утврди неговата техничка исправност.

Во рамки на истрагата, по насока на јавниот обвинител, се вршат разговори со очевидци на настанот, како и со блиски на семејството што патувало во автомобилот, за да се разјаснат сите околности поврзани со несреќата.