Мигрантите ги напуштија шаторските кампови што ги изградија на границата западно од градот Гродно и се упатија кон граничниот премин Брузги – Кузница.

Граничната служба на Белорусија соопшти дека нови групи им се придружиле на мигрантите кои веќе чекаат, додавајќи дека на границата има околу 2100 луѓе кои сакаат да влезат во Полска.

Меѓу другото, се наведува дека мигрантите уште од утринските часови ги собрале шаторите, вреќите за спиење и облеката од кампот „надевајќи се на позитивен исход на ситуацијата“.

– До пладне мигрантите кои се организираа во големи групи почнаа да се движат кон Граничниот премин Брузги. Мигрантите ги истакнуваат своите мирољубиви намери и наведуваат дека се подготвени за секоја ситуација, се нагласува во соопштението од Државниот граничен комитет на Белорусија.

Исто така, во соопштението се забележува дека на чело на групата што се движи кон границата се наоѓаат деца и жени, а безбедноста и редот ги обезбедуваат белоруските граничари, пренесува Анадолија.

ЕУ ја обвинува белоруската администрација дека „ја користи илегалната миграција како алатка“ и „се обидува да ја дестабилизира ЕУ“ со испраќање мигранти до границите на земјите од ЕУ Полска, Литванија и Летонија.

Полските власти соопштија дека нема да дозволат мигрантите да влезат во земјата, а оние што ќе успеат ќе бидат вратени назад во Белорусија. Од своја страна, Минск ја обвинува Варшава дека не обезбедила хуман третман за луѓето кои сакаат да мигрираат во Европа.