Околу 300 српски полицајци, командири и раководители од четири општини на северот на Косово денеска во 14 часот официјално поднесоа оставки во полициската станица во Косовска Митровица, а нивните преостанати колеги тоа ќе го сторат утре, пишува српскиот весни Новости.
Тие се собраа пред станицата во Косовска Митровица носејќи ги своите оставки напишани на кирилица, а потоа влегоа во зградата.
Потоа ги поднесоа оставките по што си заминаа.
Илјадници косовски Срби денеска на големиот собир во северниот дел на Косовска Митровица ја обвинија ЕУ дека не го следи Бриселскиот договор и ги поддржаа своите сонародници да ги напуштат своите позиции во институциите на Косово, како знак на протест против одлуката на владата во Приштина да ги пререгистрира регистарските таблички издадени во Србија.
Одлуката за повлекување на српските претставници од косовската влада, парламентот и локалната администрација на северот, како и од косовското правосудство и полиција, што беше донесена во саботата, ќе биде на сила додека Приштина не ги повлече мерките за пререгистрација и ја формира Заедницата на српските општини, објави Горан Ракиќ по средбата во саботата во косовската општина Звечан, која е под контрола на официјален Белград.