Полицијата во изминатото деноноќие поднесе една кривична пријава од СВР Охрид-ОВР Дебар до Основното јавно обвинителство Дебар, во врска со пожар настанат на 8 август во село Бомово, дебарско, против Б.М.(60) од Дебар, за сторено кривично дело „предизвикување шумски пожар“, по член 227 од Кривичниот законик.
Истиот период, во врска со пожар за кој вчера било пријавено дека настанал во село Горно Мелничани, дебарско, од страна на полициски службеници биле лишени од слобода осум лица (шест од Куманово и две од Република Албанија) и во консултација со Јавен обвинител од ОЈО Дебар тие се задржани во полициска станица, а службен разговор е извршен со уште едно лице од село Броштица. По документирање и на овој случај ќе биде поднесен соодветен поднесок.
МВР апелира строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не се фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар. Неопходна е максимална будност и целосно одговорно однесување на секој поединец, се посочува во соопштението од МВР.