Главниот координативен кризен штаб деновиве се очекува да ги разгледа препораките за олабавување на ковид мерките на Комисијата за заразни болести, а потоа да бидат усвоени на следната владина седница. Сепак, според надлежните, новите препораки кои се во насока на олабавување на рестрикциите, не значат дека пандемијата е завршена.
Укинување на мерката за задолжително носење на маски во затворен простор со исклучок на здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз, како и укинување епидемиолошкото следење на контактите и последователната препорака за изолација на контактите, се препораките кои на последниот состанок ги донесе Комисијата за заразни болести.
Претседателот на Комисијата, Александар Петличковски информираше дека Комисијата по разгледаната епидемиолошка состојба во државата, заклучила оти моменталните услови овозможуваат да се размислува за намалување на рестриктивните мерки и препорачува укинување на мерката за задолжително носење на маски во затворен простор.
Во однос на понатамошните препораки, премиерот Димитар Ковачевски смета дека тоа исклучиво зависи од Комисијата за заразни болести.
– Во неколку наврати имам кажано дека од исклучиво значење е мислењето кое го даваат докторите членови на Комисијата за заразни болести, а нивното мислење и знаење и искуство се покажа како точно и правилно применето од страна на Владата, бидејќи јас откако сум премиер придружуваќи се до она што го кажуваат лекарите, до нивните емпириски студии и искуствата кои ги користат од европската и од СЗО се покажа како исправно со оглед на тоа што трендовите што ги предвидуваа како во однос на почетокот на школската година, како во однос на намалувањето, односно олеснувањето на мерките, така ќе биде и понатаму во носењето на идните мерки, истакна вчера Ковачевски.
Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 202 случаи на КОВИД-19, од направени 2.285 тестови. Починале двајца, а оздравени се 201 пациент.
Од новозаболените 202 случаи, од Скопје се 117, Битола 24, Кавадарци 15, Прилеп 10, Куманово 6, Охрид 4, Тетово, Струмица, Ресен и Делчево по 3, Велес, Штип и Кичево по 2, Гостивар, Кочани, Неготино, Свети Николе, Богданци, Крушево, Демир Хисар и Демир Капија по 1.
Досега во земјата се направени вкупно 1.976.805 тестирања на КОВИД-19. Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 307 344, бројот на оздравени пациенти е 296 574, на починати е 9 236. Бројот на активни случаи изнесува 1.534
Во Прилеп ковид одделот во болницата има само тројца пациенти, а во другите одделенија има 70, најмногу последниве години. Дел од нив имаат постковид компликации.
Според Кети Смилеска, директор на Општата болница со проширена надлежност во Прилеп, најмногу пациенти има на интерното одделение, на хирургија и на невро-психијатриското одделение.
-Оваа бројка од 70 хоспитализирани пациенти од другите одделенија ја немаше последниве години и мислам дека последиците сега се одразуваат на работата на другите одделенија. Има дел кои имаат постковид компликации, дел коморбидитети на кои, можеби досега не посветиле внимание поради ковид ситуацијата. Ова се бројки за анализи, тераат на замислување, но се надеваме набрзо дека ќе се подобри ситуацијата. Затоа е битно обрнување внимание на комплетното здравје, физичко и ментално, вели Смилеска.
Во меѓувреме, во однос на состојбата со КОВИД-19 во светот, германскиот Бундестаг вчера го отфрли предлогот на Владата за воведување задолжителна вакцинација против коронавирусот за постарите граѓани.
Исто така, според една студија што вчера ја објави Британскиот медицински журнал (БМЈ), луѓето кои биле инфицирани со коронавирусот се соочувале со зголемен ризик од развој на тешки крвни згрутчувања до шест месеци по инфекцијата, дури и оние случаи што покажале благи симтоми на Ковид-19.
И претходните истражувања покажаа дека Ковид-19 го зголемува ризикот од згрутчување на крвта, но новата студија на БМЈ покажува колку долго може да трае потенцијалната опасност од крвни згрутчувања.
Истражувачите ги споредувале податоците за повеќе од милион луѓе во шведските национални регистри кои се заразиле со Ковид во периодот од февруари 2020 до мај 2021 година, со контролни групи од над четири милиони лица кои не биле позитивни.
Притоа откриле дека оние со Ковид имаат поголем ризик од белодробна емболија – згрутчување на крвта што ги блокира артериите во белите дробови, и тоа до шест месеци по инфекцијата.