Масар Омерагиќ, единствениот кандидат за четиригодишен мандат на чело на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), се обрати на денешното Изборно собрание. Тој нагласи  дека состојбата во федерацијата по неговото доаѓање на функцијата е покомплицирана од очекуваното.

Во своето обраќање, Омерагиќ истакна дека, иако бил свесен за големите предизвици што го чекаат, затекнал ситуација со која не се соочил претходно. Тој нагласи дека федерацијата во последните две години имала повеќе расходи отколку приходи, со минус од еден милион евра. Според него, ова укажува на потребата за подобро планирање, поголема контрола и појасна финансиска стратегија.

„Во реалното работење, федерацијата е во минус. Ова е сериозен предизвик кој ќе бара напорни и доследни решенија“, изјави Омерагиќ.

Дополнително, проблеми се јавиле и во однос на состојбата на административната зграда на ФФМ. Како и во односите помеѓу вработените, што ги намалува ефикасноста и продуктивноста.

Масар Омерагиќ избран за нов претседател на ФФМ

Омерагиќ нагласи дека нема да се фокусира на минатото. Наместо тоа, ќе се гледа напред. Веќе се преземаат конкретни чекори за подобрување на состојбата. Првите чекори вклучуваат финансиска ревизија на сите досегашни проекти за да се обезбеди поголема транспарентност.

„Преземаме нова стратегија за инвестиции во инфраструктура, која ќе биде насочена кон реалните потреби на клубовите, како што се терени за тренинг и натпревари“, додаде Омерагиќ.

Претседателот на ФФМ најави и строг надзор над трошењето на средствата, со цел да се осигури дека инвестициите ќе бидат искористени за проекти што ќе донесат долгорочни резултати.

На Собранието присутни беа 65 од вкупно 66 делегати од Општинските фудбалски сојузи и клубовите во системот на натпревари на федерацијата, што укажува на широка поддршка за Омерагиќ.

Во моментов, изгледа дека Омерагиќ ќе биде избран за претседател на ФФМ и ќе започне четиригодишен мандат.