Непризнатата партија на Македонците во Бугарија „ОМО Илинден-Пирин“ му одговори на претседателот на Бугарија Румен Радев кој ги нарече сепаратисти. Тие во реакцијата велат дека не можат а да не реагираат на клеветата за некакви „сепаратистичките ставови и малцинските тврдења што ги исповедува народот со кој се среќава претседателот Пендаровски“.
-Неговата изјава е лага и клевета и како таква е срамна за сите а особено за претседателот бидејќи срамот паѓа на сите граѓани-реагира ОМО Илинден-Пирин.
Оттаму велат дека никогаш не исповедале сепаратистички идеи.
Досега ниту една македонска организација или Македонка во Бугарија не е обвинета, судена или осудена за сепаратистички дејствија. Лагата за сепаратизам се користи за да се оправда систематската дискриминација на која подлежат бугарските граѓани со македонска самосвест, што доведе до 14 пресуди против Бугарија од страна на Судот за човекови права. Дискриминацијата на Македонците во Бугарија се рефлектираше во секој извештај на меѓународна институција за човекови права во врска со Бугарија во изминатите 18 години, и затоа Бугарија беше ставена под зголемен мониторинг во Комитетот на министри.
Да го потсетиме дека Бугарија ја ратификуваше Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и дека Република Бугарија во минатото официјално го призна македонското малцинство, кое оттогаш беше подложено на брутален прогон во комунизмот.
А за информација на Радев, бидејќи тој одбива не само да не прими, туку дури и да одговори на нашите барања за средба – се бориме за демократизација и европеизација на Бугарија, за човекови права, за запирање на негирањето на македонското малцинство, запирање на систематската дискриминација, стигматизација, говор на омраза и маргинализација применети против него. Сакаме да им овозможиме на бугарските граѓани со македонска самосвест рамноправно и целосно да учествуваат во јавниот и политичкиот живот во земјата – нешто што во моментов систематски им се ускратува. Срамота е Бугарија да ја водат политичари со сличен начин на размислување.