– По четири месеци од руската инвазија, хуманитарната ситуација во Украина, а особено во Донбас, е „крајно алармантна, соопштија денеска ОН додека продолжуваат борбите меѓу украинската и руската армија на истокот на земјата.

-Хуманитарната ситуација во цела Украина, особено на истокот на Донбас, е крајно алармантна и продолжува брзо да се влошува, соопшти Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања (OCHA).

Според агенцијата, ситуацијата е особено загрижувачка во и околу Северодонецк, последниот џеб на украинскиот отпор во областа Луганск, кој речиси целосно е под руска контрола.

Агенцијата на ОН посочи дека е намален пристапот до вода за пиење, храна и струја како резултат на борбите кои постојано се засилуваат, поради што цивилното население плаќа висока цена.

OCHA изрази жалење што двете завојувани страни се уште не постигнале договор за олеснување на евакуацијата на цивилите или дозволување пристап до хуманитарна помош во Северодонецк и соседниот град Лисичанск, кои се под постојано гранатирање неколку дена.