Лихтенштајн треба да го свика Генералното собрание на ОН денеска, за да дебатира за нацрт резолуцијата, поддржана од Вашингтон, со која се бара од петте постојани членки на Советот за безбедност да го оправдаат користењето на ветото, јави АФП, пренесе Франс 24.

Старата идеја, што има за цел да ги натера постојаните членки на Советот за безбедност да го намалат користењето на своето право на вето, се оживеа со неодамнешната руска инвазија на Украина.

Правото на вето на Москва дозволи да се замрзне дејствувањето во Советот за безбедност – тело кое би требало да интервенира во конфликти како гарант на глобалниот мир.

Предлогот на Лихтенштајн, поддржан од околу 50 земји, вклучувајќи ги и САД, но, значително, ниту една од останатите четири постојани членки на Советот за безбедност – Русија, Кина, Франција, Велика Британија – треба да биде предмет на гласање, сметаат дипломати.

Предлогот до кој дојде АФП, предвидува свикување на 193-те членови на Генералното собрание „во рок од 10 работни дена од ставањето вето од страна на една или повеќе постојани членки на Советот за безбедност, за да се одржи дебата за ситуацијата за што било дадено вето“.

Дипломатски извор тврди дека Франција ќе гласа „за“ предлогот.

Не се знае како би гласале Велика Британија, Кина, Русија, чија поддршка би била значајна за ваква контроверзна иницијатива, пишува медиумот.

Од 1946 година имало 295 користења на ветото. Првпат било искористено од Советскиот Сојуз во 1946 година. Оттогаш, Москва го има употребено 143 пати, далеку пред САД – 86, Велика Британија – 30, или Кина и Франција со по 18 употреби на вето секоја земја одделно.

– Ние сме навистина загрижени од срамниот модел на Русија на злоупотреба на вето привилегијата во изминатите две децении, изјави американската амбасадорка во ОН, Линда Томас – Гринфилд.