Организацијата на Обединетите нации денеска соопшти дека во текот на десетте години од конфликтот во Сирија биле убиени повеќе од 300.000 цивили. Според извештајот на Канцеларијата на ОН за човекови права, од 1 март 2011 до 31 март 2021 година во Сирија се убиени 306.887 цивили. Се проценува дека во истиот период биле убиени десетици илјади војници и членови на вооружени групи.
Во бројот на убиените цивили не се вклучени оние кои биле погребани без знаење на властите.
– Тоа се луѓе убиени во директни воени операции. Во бројката не се вклучени многу, многу повеќе цивили кои загинале поради губење на пристапот до здравствена заштита, храна, чиста вода и други основни човекови права, истакна високата комесарка на ОН за човекови права Мишел Башле.
Во извештајот се наведува дека поединечно се документирани 143.350 цивили, додека статистички се проценува дека уште 163.537 цивили биле убиени во војната во Сирија.