One Stop системот на гранична контрола ќе го намали чекањето и ќе го олесни движењето на патници и стоки
One Stop системот на гранична контрола официјално започна со примена на граничниот премин Табановце – Прешево, со што се овозможува побрз транспорт на патници, зголемена трговија и олеснета комуникација меѓу Македонија и Србија. Овој систем беше промовиран денеска од министрите за внатрешни работи Панче Тошковски и Ивица Дачиќ.
Симболично, почетокот на One Stop системот беше означен со потпишување на Протоколот за извршување на гранични проверки. Документот беше потпишан од двајцата министри на самиот настан на граничниот премин.
Исто така, беше потпишан и протокол за соработка за време на летната и зимската туристичка сезона. Овој протокол овозможува меѓусебно испраќање на полициски службеници за асистенција на туристички локации и настани, врз основа на реални потреби, како што веќе функционирало во претходните години.
Заеднички проверки на влезот – еден премин, една контрола
Министерот Тошковски изјави дека со воспоставувањето на One Stop системот на гранична контрола се исполнува конкретно ветување, кое има за цел директно да го подобри искуството на патниците при преминување на границата.
„Она што го ветивме го остваруваме на дело. На почетокот на оваа летна сезона, воведуваме заеднички систем на гранична контрола, кој што треба да овозможи побрз проток и помалку чекање на нашите граѓани. Денес официјално започнуваме со употребата на One Stop системот и сигурен сум дека значително ќе се намали времето на чекање и ќе се забрза трансферот на патници на нашите граници. Денес беше потпишан и протоколот за размена на полициски службеници во рамки на туристичките центри каде што имаме потреба во рамки на туристичките сезони,“ изјави Тошковски.
Неговиот српски колега Дачиќ го објасни принципот на функционирање на One Stop системот, потенцирајќи дека сите проверки ќе се вршат на едно место – при влезот во државата.
„Целта на оваа соработка е поедноставување на комплетните процедури на граничните проверки така што полициските службеници на земјите ќе бидат овластени освен за граничните проверки на својата земја да ги извршат и проверките и за излезните гранични проверки. Едноставно воспоставуваме One Stop контрола и тоа на местото на влегувањето во државата. Со тоа едно застанување се избегнува непотребното задржување на патниците на излез. Ова е голем чекор напред посебно кога се однесува за големите празници или летната сезона која голем број луѓе ги минуваат границите,“ изјави министерот Ивица Дачиќ.
Соработка и за размена на полицајци и за вонредни ситуации
Покрај имплементацијата на One Stop системот, двајцата министри потпишаа и нов протокол за испраќање полициски службеници во туристички локации во двете земји. Оваа соработка, која се применува во текот на летната и зимската сезона, предвидува помош на места каде што се регистрира зголемен број посетители и е во насока на зголемување на безбедноста и координацијата.
Во рамки на разговорите, Тошковски и Дачиќ ја отвориле темата за можностите за заедничка соработка во услови на вонредни ситуации, како што се пожари и природни катастрофи. Двете страни се согласиле дека постои простор за заемно користење на човечки и технички ресурси при интервенции, според реалните капацитети и потреби на секоја држава.