Обвинителството тврди дека со незаконски набавки и фиктивни тендери ја поткопале довербата во здравството

Во Скопје започна судскиот процес за случајот „Онкологија 2“, каде на обвинителна клупа седнаа поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи. Обвинителството тврди дека тие не работеле во интерес на пациентите и установата, туку во корист на приватни компании и за сопствена добивка, со што ја нарушиле довербата во здравствениот систем.

Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска во воведниот говор истакна дека обвинетите преку незаконски јавни набавки и злоупотреба на службената положба предизвикале директна штета на буџетот од над 2,2 милијарди денари. Според неа, со злоупотреба на системот на реверси без правна основа довеле во заблуда државни институции и овозможиле противправна корист за повеќе фармацевтски компании.

– Обвинителството ќе докаже дека со незаконски јавни набавки на лекови, без согласност на ФЗО и со злоупотреба на службената положба обвинетите предизвикале штета на Буџетот од над 2,2 милијарди денари. Со злоупотреба на системот на реверси, без правна основа довеле во заблуда државни институции и овозможиле противправна корист за повеќе фармацевтски компании. На тој начин ФЗО бил доведен во заблуда дека се работи за законски обврски – изјави Гоговска Јакимовска.

Таа нагласи дека обвинителството ќе изведе обемни материјални докази, финансиски извештаи и сведочења на службени лица, со кои ќе се потврдат злоупотребите.

Кривичниот суд во јуни годинава го одобри обвинението против Васев и Нухи за злоупотреби, измама и проневера во периодот од 2018 до 2022 година. Според обвинителниот акт, тие преку фиктивни тендери набавувале лекови и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле буџетот за речиси 36 милиони евра.

И двајцата се товарат за злоупотреба на службената положба и измама во службата, а Васев дополнително и за проневера. Дел од лековите, според обвинението, биле фиктивно раздолжувани, без да им се аплицираат на пациентите, со разлика во износ од околу 2 милиони денари.

Покрај „Онкологија 2“, Васев и тројца онколози се обвинети и во предметот „Онкологија 1“ за несовесно лекување пациенти. Тој и двајца колеги ја негираат вината, додека обвинетата Мери Пешевска ја призна и нејзината постапка е раздвоена. Продолжението на процесот е закажано за 17 септември.