Оперативниот план за вработување за 2025: Поддршката за самовработување е насочена кон младите и ранливите категории
Оперативниот план за вработување за 2025 година, кој го претстави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска беше директно презентиран во Тетово пред граѓани, локални претприемачи и институции. Планот е дел од владините политики за поттикнување на самовработувањето и намалување на невработеноста.
Министерот информираше дека за реализација на планот се издвоени над 40 милиони евра, што е највисок досега буџет за оваа намена. Планот се спроведува преку Агенцијата за вработување и се состои од неколку мерки кои обезбедуваат финансиска поддршка, менторство и обука за сите категории граѓани.
„Преку Оперативниот план за вработување, државата првпат системски пристапува кон решавање на невработеноста – не само преку финансиска помош, туку и со структурна поддршка, менторство и обука. Граѓаните добиваат реална можност да започнат сопствен бизнис, да креираат работни места и да придонесат во локалната економија“, изјави министерот Бесар Дурмиши.
Три главни мерки за поддршка на самовработувањето
Во рамките на планот за 2025 година, активни се три посебни мерки насочени кон самовработување:
Мерка 1.1 овозможува финансиска поддршка до 7.000 евра за невработени лица над 29 години. Дополнителни 4.000 евра се предвидени за работодавачи што ќе вработат лице со попреченост.
Мерка 1.2 предвидува поддршка до 10.000 евра за млади лица до 29 години со иновативни и одржливи бизнис-решенија.
Мерка 1А овозможува поддршка до 20.000 евра за формирање заеднички бизнис од страна на најмалку две невработени лица.
Сите мерки се организирани преку интегриран пристап, што вклучува: проценка на потреби, професионално советување, обуки, подготовка на бизнис-план, административна поддршка и менторирање во првите 12 месеци од функционирањето на бизнисот.
Поддршката како платформа за локален развој и останување во државата
Министерот нагласи дека целта на Владата не е само да се обезбеди финансиски поттик, туку и да се создадат реални услови за личен и професионален напредок.
„Наша цел е да изградиме економија базирана на знаење, иницијатива и локален развој. Овие мерки не се само финансиски поттик – тие се платформа за личен и професионален напредок. На младите не им велиме само да останат тука – туку им даваме услови за да успеат“, додаде Дурмиши.
Министерот најави дека ќе продолжи со теренски посети и во други општини, меѓу кои се Гостивар, Кичево, Липково и Сарај, за директна комуникација со граѓаните и претставување на мерките на лице место.
Заклучно со крајот на вчерашниот ден, биле регистрирани над 2.500 апликации за вклучување во мерките од Планот за 2025 година.