Навигациска технологија првпат применета при вградување тотална протеза на колк
На Клиниката за ТОАРИЛУЦ во Скопје денеска за прв пат во Македонија е изведена операција со навигациски систем за вградување тотална протеза на колк. Информацијата ја соопшти директорот на клиниката, д-р Игор Мерџаноски, преку објава на социјалните мрежи.
Операцијата ја изведоа д-р Макридис Константос од Грција, д-р Игор Мерџаноски, д-р Дурим Асани, раководител на ортопедијата, како и медицинскиот тим на Клиниката за ТОАРИЛУЦ. За време на интервенцијата беше користена компјутерска навигација, која овозможува прецизно поставување на протезата со 3D визуелизација на колкот во реално време.
Покрај самата интервенција, на клиниката се спроведува и едукација на хирурзите, лекарите и помошниот медицински персонал за користење на навигацискиот систем. Ова, како што е наведено, овозможува поширока примена на технологијата во иднина.

Придобивки за пациентите и идните интервенции
Во текот на денот се предвидени и три операции со навигациски систем за вградување протези на колена. Во еден од случаите ќе се заменат двете колена истовремено, што претставува ретка и комплексна интервенција кај пациенти со билатерална артроза на колената.
Придобивките од примената на навигацискиот систем, според објавата, вклучуваат подобра функционалност на зглобовите, поголема стабилност и подолг животен век на протезите, намален ризик од компликации, како и побрзо закрепнување и враќање на секојдневните активности.
Со оваа интервенција, потенцира д-р Игор Мерџаноски, Клиниката за ТОАРИЛУЦ се позиционира како водечки центар во Република Македонија за современи светски стандарди во хирургијата на колк и колено.

