Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера повтори дека е обезбедено мнозинство кое ќе изгласа недоверба на Владата, доколку премиерот Заев не ја поднесе оставката. Истовремено, тој ги повика и останатите пратеници, покрај оние 61 кои, како што напомена, се веќе дел од мнозинството, да им се придружат.
-Отворена е вратата за секој што мисли дека оваа Влада на Заев не е добра. Секој што ја поддржува оваа Влада, нормално дека нема да биде дел од пратениците кои ќе гласаат недоверба. Тука не постои политичка партија, туку се работи за пратеници. Вкупно 61 застанаа зад иницијативата. Ги повикувам и останатите да се придружат, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, одговорајќи на новинарски прашања.
Според него, по поднесувањето на иницијативата, процедурата ќе биде во рацете на претседателот на Парламентот, кој треба да ги почитува постапката и роковите.
По повод новонастанатата ситуација, во Тетово вчера се одржа седница на Централниот одбор на Демократската унија за интеграција (ДУИ), која е дел од владејачкото мнозинство. На седницата се дебатираше за натамошните потези на партијата со оглед на понудената оставка на премиерот Зоран Заев. Партискиот портпарол Бујар Османи по тричасовната седница изјави дека ова партиско тело го овластило лидерот на ДУИ, Али Ахмети, сам да носи одлуки.
Тој потенцираше дека со тоа овластување кое го има од Централниот одбор Ахмети продолжува да разговара со претставници на другите партии со цел да се одржи политичката стабилност.
-Тие разговори се со цел да државата оди напред, на патот кон реформите се разбира во блиска консулатација со нашите стратешки партнери. Земјата е членка на НАТО и има одговорност за овој Сојуз и во тој дух во консултација со партнерите сакаме да им упатиме порака на граѓаните да бидат спокојни затоа што како што секогаш сме знаеле да го зачуваме овој курс на државата да бидеме заштитници на оваа држава, да бидеме сидрото на евроатланските вредности така ќе продолжиме и ќе обезбедиме сигурна иднина на граѓаните, рече Османи.
Според него, Ахмети ќе разговара со сите партии освен со како што рече деструктивните партии, а, како што рече, сите опции се на маса со сите конструктивни сили во државата.
Од СДСМ вчера само преку соопштение изразија скептицизам за најавеното ново парламентарно мнозиснтво.
-Деновиве ќе покажат дали ќе се избере нова анти-демократска, анти-Преспа, анти-НАТО и анти-ЕУ Влада, дали Мицкоски има капацитет и одговорност. Информациите кои вчера се појавија во јавноста, дека дел од пратениците кои се потпишале биле злоупотребени, кажува за какви „принципи” станува збор. Со партнери кои се против НАТО, кои се против Договорот од Преспа, кои се против концептот едно општество за сите, против членствотово ЕУ, јасна е агендата на Мицкоски. Нема тука никакви политички идеи, никакви вредности, нема политички принцпици, платформа, Мицкоски има само и единствено желба за власт, беше наведено во соопштението.
Конфликтот на ставови, конфликт на политики и конфликтот на вредности на сите овие политички субјекти, според СДСМ, не може да испорача ништо за интересот на граѓаните, ниту пак за националните интереси на државата.