ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагира на денешниот потег на власта за отпис на каматите на долговите и користењето кредитни линии од Европската инвестициска банка велеќи дека СДСМ и власта на Заев секогаш кога ќе заглават со своите економските политики мораат да се вадат со позитивни практики на владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека за жал тоа го прават како обична предизборна шминка, наместо суштина.

-Кредитната линија од Европската инвестициона банка за поддршка на малите и средни претпријатија е отпочната во 2009 година како дел од антикризните мерки што Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги презема во време на глобалната економска криза, исто така во износ од 100 милиони евра. Во екот на светската финансиска криза благодарение на овие кредитни линии кои ги отвори владата на ВМРО-ДПМНЕ беа пласирани вкупно 350 милиони евра за поддршка на мали и средни претпријатија и беа спасени илјадници фирми и десетици илјади работни места, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Токму поради добрата пракса која беше создадена, додаваат од партијата, денеска власта на Заев ја користи оваа кредитна линија, само што има една голема разлика, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, тогашните антикризни мерки и кредитните линии кои беа користени даваа економски резултати и македонската економија беше со најдобри резултати во Европа, а сега за жал во време на оваа криза имаме исклучително најлоши резултати во споредба со целиот регион.

– Во Македонија поради погрешните економски политики на власта на Заев имаме 6200 затворени компании во само една година, над 60 илјади нови невработени и околу 600 илјади граѓани во сиромаштија. И покрај тоа што ги имаме најголемите буџети во историјата и најголемото задолжување, најкорумпираната власт во Европа предводена од Заев ги “изеде“ парите и пак ништо не направи, се вели во соопштението.